Приватното средно училиште САБА во соработка со партнерските организации, Logopsycom oд Белгија, Yuzupulse oд Франција, Sansi Leonardi Volta од Италија и Mihai Baseccu Technical College од Романија во декември 2021 година започна со реализација на проектот „English as a second language“ кој е предвидено да трае до месец јуни 2024 година.
Проектот има за цел да ги поддржи наставниците во усвојување на иновативни алатки и практики за создавање и употреба на видео игри во изучувањето на англискиот јазик со цел подигнување на мотивацијата, ангажираноста и учеството на сите ученици.
Активностите ќе се фокусираат на создавање на видео игри преку различни алатки како што се Genial.ly, RPGmakerV, Flowlab или PowerPoint. Овие игри ќе помогнат да се подигне мотивацијата на учениците преку неформално и искуствено учење и ќе биде изградена околу специфични цели што треба да ги водат кон подобрување на нивните јазични способности.
Проектот ќе се спроведува во три фази. Најпрво ќе се работи на изработка на пилот видео игри приспособени на потребите на учениците со дислексија. Овие игри ќе бидат тестирани од партнерите и модифицирани согласно добиените повратни информации. Врз основа на нив, ќе се пристапи кон подготовка на втора серија на видео игри кои повторно ќе бидат тестирани и модифицирани за да се обезбеди нивниот квалитет и релевантност. Третото тестирање ќе има за цел да го оцени севкупниот придонес на партнерите во подготовката на материјалите за е-учење.
Во текот на процесот предвидени се континуирани тестирања и оценки од страна на ученици и наставници за да се интегрираат нивните впечатоци и практики за употреба на видео игрите за изучување на англискиот јазик и да се искористат во изработка на водичот за имплементација.