На пракса во Шведска

Од 20-ти до 30-ти Април 10 ученици од САБА беа на пракса во компании во Малме, Шведска.

Михаела и Анамари, ученички од насока бизнис, беа на пракса во компанијата “Aurora Australis”. Таму беа активно вклучени во процесот на развој и имплементација на маркетинг стратегии, работеа на развој на дигиталното присуство на компанијата, креираа релевантни содржини за социјалните медиуми како и современи промотивни решенија. “Оваа практична работа претставува значаен чекор кон зајакнување на нашите стручни компетенции и продлабочување на знаењата во областа на маркетингот, преку директно соочување со реални предизвици од деловното опкружување,” велат Михаела и Анамари.
     
Крсте и Григориј, ученици од насока информатика, беа на пракса во “The Club Malmö” – клуб за тренирање и играње сквош, каде што работеа на техничкиот дел за прикажување реклами и резултати од натпревари на телевизорите во салите.
Учениците Лука и Бети работеа во EU Mobility Sverige – невладина организација која посредува за Еразмус+ проекти и пракси од цела Европа во Шведска. Лука работеше на статистичкиот и сметководствениот дел на организацијата, додека Бети работеше со графички дизајн на апликација која ќе овозможи корисниците на истата да користат и посетуваат работи и места кои се eco-friendly.
   
Елена, Марија и Иван работеа во компанијата ,,Cleosens” која се наоѓа во областа Одакра. Нивните задачи за време на праксата беа да изработат нова веб страна за компанијата, како и да подготват промотивен материјал за социјалните мрежи. “Навистина сме задоволни од ова искуство. За време на практичната работа имаше работна и пријатна атмосфера каде што сите соработуваа и си помагаа меѓусебно”, велат учениците.