Од 15-ти до 29-ти август 8 ученици од САБА беа на двонеделна пракса во Лајпциг, Германија. За време на тие две недели учениците имаа практична работа со ментори од Германија од областа на основање сопствен бизнис, маркетинг, дигитален маркетинг и целокупното работење на една компанија.
Праксата на учениците беше дел од Еразмус проектот “In the On Line world” поддржан од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и Европската комисија.
Милорад Младеновски, САБА Скопје
“Пред за започнам со праксата во Германија очекував таму пред се да ги усовршам моите бизнис и маркетинг вештини, да научам нова култура на еден народ, да стекнам нови искуства и пријателства. Најголем впечаток ми остави тоа како менторите на праксата ни предаваа и ни покажувааа практично, што сметам дека е најважно. Исто така ми остави впечаток начинот на живот и однесување на луѓето кои живеат и работат во комплексот Gut Wehlitz.
Покрај праксата која ја имав таму, научив како е да работиш во тим, како е да бидеш лидер одговорен за нешто, научив нови култури и стекнав нови пријателства.”
Бојана Митровска, САБА Куманово
“За време на двонеделната пракса во Германија, јас не бев во одредена компанија туку во кампус за Erasmus проекти. Таму имавме ментор кој беше одговорен за нас. Со менторот се запознававме, дискутиравме, правевме вежби за визуелизација, а подоцна секој посебно развиваваше свој мал дигитален бизнис. Менторот нé запозна со еден програм во кој имавме за задача да направиме база на контакти и продукти, понуди и фактури. Научив сите тие информации внесени во програмот да ги поврзам и само со еден клик да пратам понуда или фактура на мејл на одреден клиент.
Голем впечаток за време на тие две недели ми остави тоа што во еден момент во кампусот бевме околу 200 студенти, а сé беше толку добро организирано, секој ја работеше својата работа и сé функционираше беспрекорно. За време на мојата двонеделна пракса во Германија не само што научив да владеам нов компјутерски програм, туку и да работам во тим и да сфатам колку е важна тимската работа, јасно да го кажам тоа што го мислам, да прашам ако нешто не ми е јасно, но и да помогнам ако некој друг има проблем. Моето искуство беше одлично и повторно доколку имам можност би се пријавила за ваква пракса.”
Што би им порачала на учениците кои во иднина би имале можност да одат на ваква пракса?
“На сите им порачувам да не ја пропуштаат оваа можност. Со вакви проекти и пракси се стекнуваме со непроценливо знаење, добиваме сертификати и го збогатуваме CV-то со искуства кои се од исклучително значење за нас во иднина.”
Бојана Дамчевска, САБА Скопје
“Работните обврски кои ни беа зададени за време на престојот во Германија беа формирање на поединечен свој бизнис/фирма и целосно организирање на истата. За време на праксата стекнав одговорност за менаџирање на своето време, снаоѓање во комплексни ситуации, следење и почитување на правила, како и примање на информации со отвореност. Голем впечаток за време на тие две недели ми остави и културата, начинот на живеење и размислување од страна на луѓето во Германија.
На сите ученици кои во иднина би оделе на ваква пракса во странство им порачувам да немаат страв во однос на дознавање на застапената култура во дадената држава, да знаат како да се справуваат во неочекувани ситуации и едноставно да се прилагодат на промена.„
Станела Гацова, САБА Штип
Што очекуваше од праксата во странство пред да одиш во Германија?
“Стекнување на нови вештини и соочување со нови предизвици, учење на нови работи преку дружба и забава, зајакнување на способноста за донесување самостојни одлуки со добар правец.”
Што те научи оваа пракса?
“Мојата група престојуваше во камп, каде воедно беше и самата пракса за време на која изработувавме потребни документи во соодветна апликација. Оваа пракса ме научи дека треба да бидеме одговорни кон себе и кон другите со кои работиме, и да се прилагодиме на различни народи и карактери.”