Лајпциг, Германија
Јануари 2016
“Примена на информатичката технологија во автомобилската индустрија” е името на ЕРАЗМУС + проектот кој училиштето САБА го реализираше во текот на 2016 година.
Преку овој проект од 17-ти до 31-ви Јануари 2016 година 10 ученици од училиштата САБА од Скопје, Битола и Штип беа на двонеделна пракса во автомобилски компании во Лајпциг, Германија. Таму имаа можност да се запознаат со германската автомобилска индустрија и да видат како се применува информатиката во овој сектор. Учениците ја посетија и фабриката БМВ која се наоѓа во градот Лајпциг. Покрај Лајпциг, учениците ги посетија и Дрезден и Берлин и се запознаа со нивните знаменитости.
“Најголем впечаток во Германија ми остави културата, прецизноста, точноста и дисциплината на жителите во градот Лајпциг,” вели Филип Тодоров ученик во САБА Скопје. “За време на тие две недели во Германија научив некои основни работи поврзани со автомобилите и информатиката, односно автомобилската дијагностика.”
Каролина Трајковска, ученичка во САБА Штип, беше една од девојките учеснички. Таа вели дека најголем впечаток и оставила убавината и чистотата на градот како и различниот начин на живеење. “Ме импресионираше временската точност и културата на жителите, како и пријатната работна атмосфера за време на праксата. Таму стекнав едно прекрасно искуство кое не би можела да го стекнам во Македонија.”
“Она што ќе ми остане во сеќавање од престојот во Германија е точноста и културата на луѓето, како и начинот на кој таму луѓето не се ценат по нивниот надворешен изглед туку по карактерот. За време на праксата научив многу нови работи како од областа на информатичката технологија, така и од областа на автомобилската индустрија кои секако многу би ми користеле во иднина,” вели Ристе Ристов, ученик во САБА Штип.
Мишо Ангеловски е уште еден од учесниците во проектот и ученик во САБА Скопје. Тој е воодушевен од технологијата што се користи во автомобилската индустрија во Германија. “Праксата во компаниите ми помогна да научам многу нови работи од областа на информатиката, електрониката и механиката. Тие две недели во Германија беа едно незаборавно искуство за сите нас.”
Учениците имаат целосна стипендија која ги покрива сите трошоци за време на нивниот двонеделен престој во Германија. Ваквите проекти им овозможуваат на учениците да стекнат европско искуство во некоја од државите од Европската унија кое ќе им биде од огромно значење во нивното идно образование и кариера.