IN Memoriam – Проф. Сашко Соколов

 

За саканиот и омилениот…

За Проф. Сашко Соколов

 

БИОГРАФИЈА

Проф. Дипл. Ел. Инж. Сашко Соколов, роден 1975 год. во Кочани уште од најрана возраст во основното образование покажува интерес кон книгата и образованието, бил избран за ученик на генерацијата, а својата желба за учење и напредување ја преточува во неколку награди по различни предмети на општинско, регионално и републичко ниво.

По завршување на природно – математичката гимназија во Кочани, се запишува на ЕТФ – Електротехничкиот Факултет при УКИМ во Скопје во кој ги изучува областите на електроника и енергетика.

По дипломирањето во 2000 год. се стекнува со звање Дипломиран електро инженер и ја започнува својата професионална кариера како инженер во компании во родниот град, а неговата љубов кон образованието ја продолжува како професор во техничкото училиште во Кочани по група стручни предмети.

Почетоците во НАМПРЕС:

Од 2005 година својата кариера ја продолжува во Скопје како стручен соработник – инженер и графички дизајнер во Издавачката Куќа “НАМПрес” каде креира и дизајнира стотици изданија на најпознатите печатени списанија во медиумскиот простор во Македонија. Работи на огромен број на книги, монографии и извештаи за НБРМ, Министерство за Одбрана на РМ, Министерството за култура и други институции.

Желбата кон образованието ја продолжува паралелно со својата редовна работна активност и во 2006 год. заедно со тим на стручни соработници започнува да ги подготвува предметните планови по светски стандарди за САБА – Средношколската Академија воведувајќи модерни и напредни наставни предмети по теркот на светските образовни системи.

 

Во САБА:

Од 2007 год. започнува да работи и како професор по група на стручни предмети од областа на Информатичките технологии во САБА – Средношколската Академија каде ги имплементира своите знаења на највисоко ниво.

Неговата академска активност се проширува, а од 2007 год. станува предавач/инструктор во различни водечки едукативни центри како Александрија, Сеавус, Семос Едукација и други каде предава курсеви од областа на компјутерско работење и графичкиот дизајн.

Својата стручност ја потврдува со меѓународни сертификати од престижните светски компании како Adobe Certified Instructor и Microsoft Certified Trainer.

Како Професор во САБА учествува на голем број натпревари и истражувачки проекти во областа на ИТ технологиите а неговиот труд и посветеност се закитени со огромен број на пофалници, благодарници, награди и тоа од: МАССУМ, Erasmus, Влада на РМ, Фонд за Иновации и други.

Карактеристична е неговата љубов кон македонскиот јазик и пишаниот збор, а како ментор учествува на Рацинови средби, поетски натпревари, ораторски настани и средби каде е наградуван со признанија и пофалници, а неговите ученици биле победници или највисоко рангирани.

Учества во Европски проекти:

Учествувал на различни меѓународни проекти во рамките на Европската Унија и заедно со ученици и професори реализирал патувања во странски научни институти, училишта и светски познати компании достојно претставувајќи ја својата матична институција како и својата држава.

Неговите дела се силно оплеменети со неговите лични и персонални карактеристики. Неговиот карактер го красеа љубов, ведрина, насмевки и позитивно расположение со што во текот на годините беше прифатен како омилен, сакан и почитуван како во академската заедница така и кај своите ученици.

Силната воља за напредок несебично ја пренесуваше на помладите генерации и на непосреден начин успеваше да ги нурне во тајните на технологијата. Преку своите предавања успеа да создаде многу генерации на млади инженери, програмери, бизнисмени, стручни лица и идни градители на модерното општество. Важеше за одличен мотиватор со кој и невозможното стануваше возможно, а она што беше тешко се реализираше со леснотија.

Со особена гордост, љубов и жар зборуваше и за семејството, за своите деца и сопругата на кои беше особено горд, ги раскажуваше секојдневните случувања преку смеа, со што ги освои срцата на сите кои го опкружуваа.

Неговата ѕвезда вечно ќе блеска бидејќи успеа да го осветли патот и да биде пример на генерации млади луѓе кои остануваат да сведочат за добрите дела…

 

ПОВЕЌЕ прочитајте во Брошурата!!!

Loader Loading...
EAD Logo Taking too long?

Reload Reload document
| Open Open in new tab

Превземи [1.02 MB]

 

ГАЛЕРИЈА на слики и спомени: