Болоња, Италија, Ноември 2016
Двонеделна пракса во компании во рамките на проектот “Е(вропски) бизнис”
Од 20.11 до 04.12.2016 4 ученици и еден професор од САБА беа на двонеделна пракса во Болоња, Италија. Учениците таму работеа во компании во кои имаа можност да ја видат примената на онлајн маркетингот во неколку компании. Нашиот партнер во овој проект беше италијанската организација YouNet, која ги обезбеди компаниите во кои учениците имаа пракса, организираше разглед на Болоња, како и две екскурзии во текот на викендите: една во Фиренца и една во Венеција.
И оваа пракса беше дел од Еразмус проектот “Е(вропски) бизнис”, поддржан од Националната агенција за Европски образовни програми и мобилност.
Учесници:
Теа Седлоска, ученичка во САБА Скопје
Бенјамин Џафероски, ученик во САБА Скопје
Климентина Кованцалиева, ученичка во САБА Скопје
Иво Ичокаев, ученик во САБА Скопје
Виолета Пеева, професор во САБА Штип
Еве ги искуствата на учениците кои беа на пракса во Болоња:
Иво Ичокаев работеше во Италијанска компанија за чевли и разни видови на облека, поточно на нивната веб страна. “Моите обврски за време на двонеделниот престој беа да работам во фотошоп каде што создавав слики и разни постери со цел да се промовира компанијата на интернет. Сите луѓе со кои комуницирав беа многу дружељубиви и беа секогаш тука за да ми помогнат со се што не ми беше јасно во текот на работата. Од оваа пракса не само што научив како професионално се одржува една компанија, туку исто така многу научив за начинот на живеење на италијанците и за нивната култура. Исто така имав можноста да посетам многу светски познати историски места. Праксата во некоја Европска држава ќе те научи нешто што во училиште не можеш да го научиш, а тоа е лично искуство за тоа како функционира светот на бизнисот и за одговорностите на еден возрасен човек.”
Теа и Климентина работеа во меѓународна компанија со големо искуство во изработка на уникатни дизајни на материјали кои ги користат познати светски брендови.
Теа вели дека од оваа пракса научила многу,бидејќи сфатила што значи работа и вложување на труд, односно тоа е едно искуство за понатамошниот живот. “Имав можност да работам во голема и развиена компанија со одлични ментори. Ова за мене беше многу големо искуство и навистина сум благодарна што имав можност да бидам дел од овој проект. На секој што ќе му се пружи ваква шанса му препорачувам да ја искористи, бидејќи тоа е една животна лекција и големо искуство за нашиот понатамошен живот.”
“Најголем впечаток ми остави начинот на организација на работата, брзината и прецизноста со која беше потребно да се извршуваат задачите. За двете недели пракса научив колку е важно одговорно да се работи, затоа што секоја работа е важна и е дел од една целина.А во целината придонесуваат сите и сите имаат дел од успехот или неуспехот на финалниот производ,” вели Климентина.
За време на двете недели во Болоња, учениците беа на еднодневни екскурзии во Фиренца и Венеција, преку кои сите се согласуваат дека начиле многу работи за начинот на живеење на италијанците и за нивната култура.