10 години САБА Штип

Приватното средно училиште САБА од Штип на 10-ти јуни прослави 10 години. На прославата присуствуваа многу сегашни и поранешни ученици од САБА, многу родители, соработници, невладинини организации и компании со кои училиштето има континуирана соработка.

       

“Нашето училиште се стреми кон овозможување на високо квалитетна и современа настава, целосно подготвувајќи ги учениците за комплетно вклучување во современите општествени текови. Со посветеност, љубов, упорност, континуирана едукација секоја цел е остварлива,” изјави на прославата Виолета Пеева, координатор на САБА Штип.

Оксфорд, Милано, Хелсинки, Копер, Љубљана се само дел од градовите каде студираат учениците кои завршиле во САБА и каде покажуваат одлични резултати, а многу од нив се прогласени и за првенци во генерацијата.

“Благодарност за секоја пружена прилика од ПСУ САБА, почнувајќи од наставата, поддршката и мотивацијата од професорите и училиштето. Шанси за учество на Еразмус проекти, најразлични работилници фокусирани на секојдневни и актуелни теми, кои придонесоа за наш развој и да бидеме денес тоа што сме. САБА ме поттикна да размислам подобро за мојата иднина, ми помогна да остварам голем чекор кон успехот. Чест и задоволство ми е што моето средно образование го поминав во САБА Штип,” вели Томче Сарафимов, ученик во САБА, а сега студент во Копер.

ДЕЈАНА МАРКОВА, насока Бизнис

“Студирам архитектура на факултетот за градежништво, прометно инжинерство и архитектура на унивирзитеот во Марибор. Воедно сум демонстратор за предметот Цртање и визуелно изразување во прва година на додипломските студии за архитектура. САБА ме подготви за брзиот начин на живот во клучните факултетски години со нивниот формат на образование кој вклучува огромна поддршка за учениците да патуваат, да ги осознаат своите интереси и да ги развијат своите меки и тврди вештини,” изјави Дејана Маркова.

“Со големо задоволство и од се срце сакам да изразам благодарност до професорите и сите кои придонесоа моето искуство во САБА  да биде незаборавно. Покрај знаењето кое го стекнавме во текот на школувањето, голем придонес во градењето на личноста којашто сум јас денес имаа  многуте прокети преку кои стекнав огромни искуства. Сега после скоро една година помината на студии во Словенија, јасно гледам колку запознавањето на луѓе од различни земји и култури и разговарањето на различни светски теми, ми помага во наставата, а и во секојдневниот живот. Особена благодарност сакам да изразам и за двонеделната пракса во Дрезден, Германија која ми ја овозможи САБА. Имав прилика не само  да ги применам стекнатите знаења на практично ниво, туку и да се запознаам со работната култура и професионализмот во една високо развиена земја. Благодарам за сѐ. Среќна  10 годишнина САБА Штип”, од Иван Георгиев.

За успешна соработка во текот на сите 10 години, како и значителен придонес за  напредокот на нашите ученици, на прославата беа доделени благодарници на неколку институции и организации.

Општина Штип, Центар за Развој на Источен плански регион, Универзитет “ Гоце Делчев “-Штип , Youth on board, Стопанска комора Штип, Американско катче  Штип,  Гласен текстилец, ЦЕФЕ Македонија, ФРЛЗ- Фондација за развој на локална заедница.