“САБА” ме поттикна да се развивам и да бидам подобра и поактивна личност во општеството

Елена Божиновска е ученика која заврши во САБА пред две години. Сега, покрај тоа што студира, таа е активна во многу организации и вклучена во разни активности.

Три работи кои ќе ти останат во сеќавање од четирите години поминати во САБА?

  1. Дружењето и екскурзиите – во САБА сме семејство и тоа им го кажувам на сите. Се дружевме подеднакво без разлика од која година сме. На екскурзии секогаш најубаво си поминувавме и со учениците од училиштата САБА од другите градови. Сега имаме другарства што ќе траат вечно.
  2. Програмата по која учевме – поразлична од останатите училишта, секоја насока за себе. Јас завршив на насоката бизнис и навистина добив многу знаења, па кога дојдов на факултет веќе бев добро подготвена од професор(к)и во САБА. Воедно професорите на одличен начин го пренесуваат знаењето и секогаш беа тука за мене за било каква поддршка, дообјаснување или помош.
  3. Праксата во Барселона – секогаш ќе ја паметам како едно од најдобрите искуства. Научив многу од врвни компании и нивните сопственици, ни дадоа многу совети за бизнис и претприемништво, маркетинг, менаџмент кои ги памтам и применувам денеска. Тоа беше животно искуство!

     

Твое искуство со некој проект/активност во кој си била вклучена во текот на школувањето во САБА?

“Во САБА бев вклучена во многу активности, но најдраг ми е проектот „Дружење без граници“, инклузивниот центар за лица со попреченост, проект кој доби многу награди и признанија. Успеавме заеднички да направиме центар за интересни активности каде што заеднички и волонтиравме. Преку САБА успеав да се запознаам со невладини организации, каде што и ден денес сум активна, а со самото тоа да се стекнам и со неформално образование. Воедно праксите во САБА се наменски за насоката која ја учиме и имав можност да одам на пракса и таму да го применам моето знаење, што секако ми е од голема помош во денешното мое работење. Искрено, на сите би им препорачала да се дел од САБА.”

 

Што те научи САБА низ годините?

“Пред се ме научи многу од формалното бизнис образование: маркетинг, менаџмент, сметководство, но подеднакво драги ми беа и правото, македонски јазик, историја, англиски и италијански јазик. Кога дојдов на факултет бев веќе со огромни предзнаења и можев да одговарам на секакви прашања од страна на професорите. Воедно стекнав и огромно искуство во областа на Еразмус, неформалното образование, а професорите често знаеа да ни помогнат со различни животни искуства и совети кои ги памтам и за кои сум им благодарна и денес. САБА ме научи многу работи, ме поттикна да се развивам и да бидам подобра и поактивна личност во општеството.

 

 

Во која насока го продолжи твоето образование?

“Моето образование го продолжив на Универзитетот Американ Колеџ – Скопје, насока маркетинг, поттикната од претходно омилениот предмет во САБА  – маркетинг. Го одбрав токму поради сличната и прогресивна програма, практично учење и новитетите и различностите, некласичното учење на предметите. Секако планирам и понатаму да го надоградувам своето образование како формално така и неформално. Сметам дека двете се важни за целокупниот развој на еден млад човек.”

Во какви активности си вклучена сега?

“Имам премногу активности. Најпрво управителка сум на подружницата „Младите на една може“. Во Здружението „Една може“ сум координаторка за социјални мрежи, а во КРИК, АРНО и AIESEC сум волонтер. Воедно посетувам Академија за графички дизајн при Џолев и Уметностите. Проект во кој бев вклучена и на кој сум многу горда е Walkiie, апликација која поврзува лица со попреченост со волонтери. Со овој проект бевме победници на натпреварот на Светска банка.”

Како се гледаш себе си во иднина?

“Се гледам како лидерка која ќе прави промени во целокупниот живот на сите и во нашето општество, работејќи на различни програми, политики и кампањи. Исто така голема љубов имам кон дигиталниот маркетинг и сметам дека тоа е професија што ме исполнува и што ќе ја работам во иднина.”