Отворање на новите простории на САБА, прослава на 15-от роденден на САБА, многу активности, обуки, пракси, работилници во Македонија и низ цела Европа…..ова се активностите кои ја одбележаа учебната 2022/23 година во САБА Скопје.
30.05.2023
На 30.05 во просториите на Фондација “Никола Кљусев” се одржа конференцијата “Пракса во ера на дигитализација” на која беа претставени резултатите од проектот Digigo. Претставници од стручни училишта и компании се запознаа со начинот на поврзување на учениците и компаниите со цел подобро реализирање на праксата. Исто така сите учесници се поврзаа на платформата со насоки за дигитализација на праксата за учениците.
Училиштето САБА во изминативе две години го спроведуваше проектот DiGiGo заедно со организации од Франција, Малта, Португалија, Холандија и Грција. Преку овој проект успешно беа обезбедени работни места за реализирање на пракса на многу ученици од сите држави партнери во проекот.
19.05
Прослава на матура на генерација 2019-2023
18.05
Мартин, Андреј, Зоран, Иван и Димитриј, ученици од насока информатика од САБА Скопје, Битола и Штип, од 7-ми до 18-ти мај беа во Дрезден, Германија, каде имаа обука за креирање на Андроид апликации. Учениците покрај обуката имаа можност да се запознаат со германската култура и да ги посетат Дрезден и Лајпциг.
Обуката беше организирана од нашите партнери во Германијa WBS Training AG Erasmus+ Projects
18.05
Девет ученици од САБА Скопје и Битола од 14-ти до 20-ти мај беа во Анталија каде заедно со ученици од Романија и Турција учествуваат во проектот “Enriching curriculum with STEM implementations”
17.05
“Пракса во ера на дигитализација” – Digigo е проект чија цел е подобрување на дигиталните вештини на младите, нивно поврзување со компаниите и практична примена на дигиталните вештини на работните места. На 15-ти и 16-ти мај во Леварден, Холандија се одржа последниот состанок на партнерите од овој проект (Франција, Малта, Португалија, Грција, Холандија и Македонија) каде беше завршена платформата за on line учење која ќе им помогне на компаниите и младите во процесот на примена на дигитални вештини во сите работни места.
10.05
Од 1-ви до 10-ти мај пет ученици од САБА беа на десетдневна пракса во Фолињо, Италија каде научија повеќе за дигиталниот маркетинг и практична примена на маркетингот на социјални медиуми во компаниите. За време на престојот во Италија ги посетија и Рим, Перуџа и Асиси и се запознаа со италијанската култура
05.05
Часот по Македонски јазик за учениците од втора година, денес се одржа на Саемот на книга.
29.04
“Robotic programming with Arduino” е Еразмус проект во кој се вклучени училишта од Латвија, Турција и САБА од Македонија. Од 24 до 28 мај двајца професори од САБА беа во Сафранбол, Турција каде работеа на иновативни проекти со примена на Ардуино.
27.04
Учениците од насока бизнис денес беа во Управа за Јавни Приходи – УЈП каде имаа можност да се запознаат со Директорката и даночните работници во УЈП и да научат зошто се важни даноците, за што се користат собраните приходи, како и која е улогата на Управата за јавни приходи во тој процес.
25.04
“Generation coding the Future” e Erasmus проект кој оваа недела се одржува во Измир, Турција. Пет ученици и две професорки од САБА се таму заедно со ученици и професори од Италија, Грција, Романија и Турција и работат на тема “Составување и програмирање на сумо робот”.
24.04
На 18, 19 и 20-ти април гостин предавач во САБА беше Efthimios Varnava професор по информатички науки од Кипар. На учениците од насока информатика во САБА Скопје тој им одржа навистина интересни и интерактивни предавања за виртуелна реалност, вештачка интелигенција и безбедност на интернет. Учениците имаа можност да влезат во светот на виртуелната реалност со VR очилата.
14.04
17 ученици од “Matei Basarab” National College of Informatics од Романија и 8 ученици од средни училишта од Османие, Турција од 3-ти до 14-ти Април беа во Скопје и во САБА имаа обуки и работилници за Photoshop, Canva, Design Thinking, СВОТ анализа и булинг.
Првите денови учениците се запознаа со Скопје, имаа тим билдинг активности, правеа бизнис планови, креираа разгледници во Photoshop, имаа активности со техниката за учење Jigsaw, има обука за Design thinking, Bullying, Smart car, 3D printing, а исто така ги посетија Матка и Битола. За успешно завршените обуки на крајот добија сертификати.
09.04
Во текот на месец март учениците од САБА изработуваа и продаваа мартинки. Со сите собрани средства од продажбата на мартинките минатата недела учениците купија храна и средства за хигиена и ги доставија во организацијата Вистински Дела На Љубезност Real acts of kindness од каде ќе бидат доставени до социјално загрозени семејства.
07.04
“Enriching curricula with STEM implementations” е проект на кој веќе втора година работат ученици од САБА заедно со ученици од Сучава, Романија, Финике и Анталија, Турција.
Оваа недела проектот се одржуваше во Скопје. Гостите во САБА во текот на целата недела имаа интересна агенда:
Запознавање на Македонија, нејзината култура и традиција
Тим билдинг активности
Посета на Матка и технолошкиот музеј на Евн
Предавање за Веб Дизајн
Посета на Факултетот за туризам и менаџмент
Работилница за ИТ алатки во наставата
Бојадисување во јајца во пресрет на Велигден
Посета на Охрид
05.04
140 ученици од САБА Скопје, Битола и Штип од 1-ви до 6-ти Април беа на екскурзија во Италија. Учениците ги посетија Венеција, Верона, Болоња, како и Музејот Ферари во Модена.
25.03
На 23-ти март на Филолошкиот факултет во Скопје се одржа чествување на Григор Прличев по повод 130 години од неговата смрт. По тој повод, беа изложени и толкувани нови, досега неоткриени научни сознанија од страна на неколку професори.
На чествувањето присуствуваа и ученици од САБА заедно со професорката по македонски јазик. Нашиот ученик Дамјан го збогати настанот со интерпретација на второто пеење од поемата “Сердарот”.
22.03
Учениците од САБА Скопје Теодора, Цветанка, Анастасија, Дарко и Леон заедно со две професорки оваа недела се во Италија каде учествуваат во проектот “Generation Coding the Future”. Заедно со ученици од Италија, Грција, Португалија, Романија и Турција таму работат на проекти од областа на информатиката, програмирање и роботика.
21.03
Нашиот ученик Давид Каранфилов од насока информатика, на регионалниот натпревар во програмирање освои второ место.
17.03
Од 13-ти до 17-ти март 8 професори од Турција беа на обука во САБА Скопје. За време на обуката професорите научија нови методи за интерактивна настава и присуствуваа на дел од часовите во САБА каде имаа можност да видат како се одвиваат часовите и да се запознаат со проектите на кои работат нашите ученици и професори во текот на оваа учебна година. За време на оваа недела гостите се запознаа со Скопје, со македонската храна, култура и традиција, а ги посетија и Матка, Охрид, Тетово и Битола.
11.03
Од 6-ти до 11-ти Март четворица ученици и професори од САБА Битола беа во Португалија. Заедно со учесници од Романија, Италија, Турција и Португалија работеа на проекти од областа математика и информатика во рамките на проектот “Using stem to inspire creativity”.
09.03
Осум ученици од втора година, насока информатика, ова полугодие работеа на развој на нивната идеја за паметна брава, преку програмирање и дизајн за истата да биде испечатена на 3Д печатар. Овие ученици се тимот на САБА кој беше одбран на повикот за млади во организација на Inno Fab Lab
25.02
Група ученици од САБА кои учат на насоките бизнис и право учествуваа на еднодневна работилница за развој на основни бизнис вештини. Јован Сталевски, Интернационален Мастер обучувач од CEFE Macedonia – ЦЕФЕ Македонија преку игри и интересни презентации ги запозна учесниците со основите на претприемништвото, како да се стекнат претприемачки компетенции и ги инспирираше да размислуваат како претприемачи. Работилницата беше организирана од Inno Fab Lab
24.02
Дел до учениците од правната насока вчера беа во Музејот на криминалистика каде се изложени повеќе од 3000 експонати, фотографии од кривични дела, предмети со кои се извршени кривични дела на територијата на Македонија. За учениците кои го изучуваат правото ова беше една навистина интересна посета преку која се запознаа со делови од казненото право.
09.02
Четворица професори од САБА Скопје и Штип оваа недела беа во Анталија каде учествуваа на обука за нови ИТ алатки за настава. Обуката е дел од проектот “Virtual education center” во кој учествуваат и училишта и организации од Хрватска, Грција, Англија и Турција.
08.02
Амбасадорот на Италија во Македонија, Андреа Силвестри, денес беше во посета на САБА. За време на посетата амбасадорот заедно со професорот Марко Пешетели, се запознаа со училиштето, како и со дел од учениците кои учат италијански јазик во САБА и нивната професорка Ирена Минова Петковска. Целта на посетата беше доставата на најновите учебници за изучување на италијански јазик кои Италијанската амбасада Ambasciata d’Italia in Skopje ги донираше за САБА.
31.01
Денес имавме малечки, но многу љубопитни гости. Дечињата од големата група во градинката Little Me International Preschool се подготвуваат од септември да бидат првачиња, и денес дојдоа во САБА да видат што е училишна клупа, да научат што е професор, каде се пишуваат оценките, да видат како изгледа еден час.
26.01
Двајца професори од САБА Штип оваа недела беа во Латвија каде учествуваа во проектот “Robotic programming with Arduino”. Професори од Турција, Латвија и Македонија имаа можност да ги видат најновите роботски системи контролирани и управувани од Аrduino robotic mictrocontroler, како и да се запознаат со културата и традицита на Латвија.
19.01
На 18-ти и 19-ти јануари во Лисабон се одржa третиот состанок на партнерите од проект Digigo.
Пракса во ера на дигитализација е целта на овој проект во кој партнери се
Eurodimensions Consultancy Малта
Petra Patrimonia Франција
IEK DELTA Грција
IDEC S.A. Грција
Stichting Inqubator Холандија
САБА Македонија
CECOA – Centro de Formação Profissional para o Comércio e Afins Португалија
17.01
На 15-ти и 16-ти Јануари во Пиатра Немт, Романија се одржа состанок на партнерите од проектот DIGIT+ чија цел е креирање на интернационална мрежа за поддршка, поврзување и иновации за дигитализација во стручното образование. Романија, Естонија, Турција, Португалија, Шпанија и САБА од Македонија се партнери во овој проект.
28.12.2022
Денес нашите ученици го посетија центарот “Вистински дела на љубезност” каде донираа храна и средства за хигиена кои ги купија со парите собрани од продажба на производите на хуманитарниот новогодишен базар на САБА. Центарот ги донираше овие производи кај семејства на кои им е потребна помош.
27.12
Многу насмеани лица, среќни и успешни ученици, задоволни професори….ете затоа училиштето САБА цели 15 години е најдобар избор за средно образование!
Денес се одржа прекрасна прослава на 15-от роденден на САБА.
26.12
Одлично помина денешниот хуманитарен новогодишен базар кој традиционално веќе 10 години по ред го организираат учениците од САБА. Сите собрани средства од продажбата на производите кои беа рачно изработени од нашите ученици ќе бидат донирани кај социјално загрозени семејства.
15.12
Учениците од правната насока беа во Собранието на РМ каде се запознаа со работата на Собранието, секторите и дел од пратениците.
14.12
На 13 и 14 декември во Скопје се одржа вториот состанок на партнерите од проектот “English as a second language” преку кој ќе се креираат видео игри за полесно и поинтерактивно изучување на англискиот јазик како странски јазик во сите држави партнери во проектот.
Овој проект е стратешко партнерство од организации од пет европски држави: САБА од Македонија, Logopsycom oд Белгија, Yuzupulse oд Франција, Sansi Leonardi Volta од Италија и Mihai Baseccu Technical College од Романија.
24.11
Група ученици од правната насока беа во Основен Кривичен суд Скопје каде што се запознаа со работата на судот, разговараа со судија кој им објасни како тече кривичната постапка, а учениците кои имаат 18 години присуствуваа и на судење.
18.11
“Примена на нови ИТ алатки во образованието” е името на обуката која ја спроведуваа професори од САБА за професори од Хрватска, Грција и Турција. Во текот на изминатата недела овие професори беа во Скопје, ги посетија Матка и Охрид и научија за примена на Wheel of names, Plickers, Class Dojo, Jam Board, Google slides, Study stack во секојдневната настава.
Обуката е дел од проектот “Virtual education center” кој училиштето САБА го спроведува веќе втора година.
11.11
Четири ученици и двајца професори од САБА Скопје и Битола, заедно со ученици и професори од Романија, Италија, Грција, Турција и Унгарија беа во Романија каде што учествуваа во Еразмус+ проектот “Generation coding the future”.
Учениците има активности поврзани со програмирање и роботика, а го посетија и парламентот во Букурешт, кралскиот дворец во Пелеш и замокот на Дракула во Бран.
10.11
“Пракса во ера на дигитализација” е проект кој веќе втора година го спроведуваат 6 европски држави.
Оваа недела во Малта се одржува обука на тема “Креирање дигитални вештини кај практикантите”, на која учествуваат претставници од организациите од сите 6 држави вклучени во овој проект:
Франција- Petra Patrimonia
Грција- IEK DELTA
Малта- Eurodimensions Consultancy
Грција – IDEC S.A.
Холандија- Stichting Inqubator
Македонија – САБА
Португалија – CECOA – Centro de Formação Profissional para o Comércio e Afins
05.11
Од 1-ви до 11-ти ноември група ученици и професори од Османие, Турција беа во САБА Скопје за да стекнат нови знаења од областа на информатиката.
Во текот на овие денови тие се вклучија на часовите по Auto Cad, имаа работилница за Internet of things, научија како да ја користат апликацијата Canva и Google sites, го посетија Саемот на креативни индустрии, се запознаа со убавините на Скопје, Матка и Охрид.
03.11
“Robotic programming with Arduino” е името на проектот кој оваа недела се одржуваше во САБА. Професори од средни училишта од Латвија и Турција имаа можност да се запознаат со иновативните ИТ проекти креирани со помош на Ардуино од страна на ученици и професори од САБА Скопје. Исто така групата се запозна и со Македонската историја, култура, храна и традиција со посета на знаменитостите во Скопје, Матка и Охрид.
29.11
Учениците од САБА Скопје беа на еднодневна наставно-научна екскурзија во Прилеп. Таму ги посетија Спомен куќите на Блаже Конески и К. Ј. Питу, Народниот музеј и Музејот на тутунот. Потоа ја посетија и Битола. Покрај дружењето учениците научија и многу работи за Македонскиот јазик, историја, култура и традиција.
27.10
Професори од САБА Скопје оваа недела беа на Кипар каде учествуваат на обука за примена на нови технологии во наставата, виртуелна реалност, хибридна или on line работа, позитивни страни на користење интернет во работата и социјалниот живот.
22.10
Тројца средношколци од Анкара заедно со нивната професорка поминаа една недела во САБА каде учеа за креирање и развој на сопствен бизнис преку Design thinking методологијата.
21.10
Четири ученици од SABA Bitola оваа недела беа во Турција каде учествуваа во проектот “Using STEM to Inspire Creativity”. Учениците од Македонија, Италија, Португалија, Романија и Турција имаа активности за новите технологии кои се користат во образованието.
20.10
Ања, Давид, Ангела и Михаил ученици од САБА Скопје оваа недела во Сучава, Романија учествуваат во проектот “Збогатување на наставните програми со STEAM апликации”. STEAM е еден од иновативните пристапи во образованието со цел да ги поттикне учениците за стекнување на вештини кои можат ефективно да ги користат за решавање проблеми, тимска работа, комуникација, собирање и анализирање на податоци од областа на науката, технологијата, инженерството, уметноста и математиката.
17.10
Учениците од трета година насока информатика беа во лабораторијата Inno Fab Lab која се наоѓа на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. Таму се запознаа со можностите кои им ги нуди оваа лабораторија на младите каде под менторство на академски професори и стручни лица од реалниот сектор ќе може да развиваат и тестираат иновативни идеи до создавање продукт-прототип.
14.10
Денес училиштето САБА учествуваше во одбележувањето на деновите на Еразмус #ErasmusDays2022 со настан на кој ученици од САБА кои учествуваа на Еразмус проекти во текот на минатата учебна година ги споделија своите искуства.
Во учебната 2021/22 повеќе од 100 ученици и 50 професори од училиштата САБА од Скопје, Битола и Штип учествуваа во преку 20 проекти преку кои стекнаа многу нови знаења, искуства и пријателства.
Проектите се поддржани од Европската комисија и Национална агенција за европски образовни програми и мобилност
07.10
Пет ученици со еден професор од САБА Штип оваа недела беа во Анкара, Турција каде учествуваа во проектот “Let’s make ideas happen”.
После мобилностите во Суботица, Истанбул, Скопје, Португалија и Романија, ова е последната средба на партнерите од овој проект преку кој учениците имаа можност да научат повеќе за креирање бизнис планови, отворање компании, даночни системи и други бизнис процедури во овие држави.
02.10
10 години по ред го поддржуваме Skopski Maraton со нашите ученици кои се волонтери на овој настан!
27.09
“Систем за подобрување на ефикасноста на соларни панели”, “Smart car” и ”Систем за детекција на штетни гасови во воздухот” се проекти изработени од ученици од САБА, насока информатика, кои денес беа претставени на Skopje Mini Maker Faire
Нашите ученици Марио Лука, Борјан, Андреј, Мартин и Андреј, ги претставија овие проекти на кои работеа во изминатите месеци. Проектите беа наградени и од Фонд за иновации.
Skopje Mini Maker Faire е саем кој се одржува секоја година и обединува успешни млади иноватори кои имаат можност да ја претстават нивната работа пред многу ученици, студенти, професори и други заинтересирани посетители.
24.09
На 20 и 21 септември две претставнички од САБА учествуваа на состанокот на партнерите во проектот Дигит+ кој се одржа во Португалија.
Проектот е стратешко партнерство во кое 10 партнери, 4 невладини организации, две компании и 4 средни стручни училишта, работат на креирање дигитални обуки за подобро on line учење.
Романија, Македонија, Естонија, Шпанија, Португалија, Полска, Турција се партнери во овој проект.
19.09
Успешно заврши уште еден проект во организација на САБА.
30 ученици и професори од средни училишта од Италија, Грција, Романија, Турција и Унгарија од 11 -ти до 17-ти септември беа во Скопје каде заедно со ученици и професори од САБА работеа на програмирање на контрола на мотори со помош на Ардуино.
Гостите од овие пет држави се запознаа и со Македонија, македонската храна, култура и традиција, и ги посетија Кањонот Матка и Охрид.
Мобилноста е дел од проектот “Generation coding the future”.
07.09
Одлично поминат ден во градскиот парк каде што учениците од САБА имаа тим билдинг активности исполнети со многу забава, дружење и натпреварување.
01.09
Овој 1-ви септември ја започнавме новата учебна година во новите простории на САБА подготвени за учениците да уживаат во секој час поминат на училиште.
На 1-ви септември им посакавме добредојде и на 15-тата генерација ученици во САБА.
Училиштето САБА 15 години е најдобар избор за средно образование!