Пракса во реални компании

Училиштето САБА е средно стручно училиште во кое праксата е задолжителен предмет за учениците во трета и четврта година. Неколку пати во текот на годината учениците поминуваат по неколку дена на пракса во различни компании во зависност од насоката која ја учат. Ова се дел од компаниите во кои учениците од САБА ја реализираат праксата: Винер осигурување, СН Брокер, издавачка куќа НАМ Прес, нотар Ванчо Андоновски, адвокат Кузмановски, адвокат Анита Стојановска, Life Vision, Solar energy system, НВО EcoLogic, издавачка куќа Просветно дело, Оне-Вип, Года комерц, ИТ компанија Веобит.

 

Праксата во реални компании им дава на учениците можност да стекнат специфични вештини од областа за која учат, како и вештини потребни за нивното идно вработување. Праксата исто така им дава поголемо познавање за насоката и областа во која се образуваат и со тоа им помага да донесат подобра одлука при изборот на нивната кариера во иднина.

 

Најдобрите ученици од САБА имаат можност да одат на пракса и во некоја европска држава. Таму поминуваат по две недели и работат во светски познати компании од областа на бизнисот и информатиката. Ученици од САБА биле на пракса во Болоња (Италија), Лајпциг (Германија), Барселона (Шпанија), Монтихо (Португалија).

„За време на моето четиригодишно образование во САБА имав можност да одам на пракса во компании и во Македонија и во Шпанија. Во текот на четврта година бев на пракса во СН Брокер и Солар енерџи систем. Во Солар енерџи покрај тоа што научив многу за тоа како функционираат соларните панели, научив и многу работи од областа на бизнисот, финансиите, влезни и излезни фактури, уплатници, испратници итн. Мислам дека тоа што одевме на пракса во реални компании ни помогна многу за полесно да ја разбереме теоријата која ја учиме на училиште”, вели Елена Божиновска, ученичка во четврта година, насока бизнис. “Кога бев втора година, бев на двонеделна пракса во Барселона, Шпанија. Таму имав можност да реализирам интернационална пракса. Научив многу нови работи за маркетингот и онлајн маркетингот од вистински светски професионалци. Знаењето кое таму го стекнав и ден денес го применувам и сум навистина благодарна на училиштето САБА за ретката и преубава можност за ваква пракса во странство”, вели Елена.

Александар Тодов и Климентина Кованцалиева се ученици во трета година, насока информатика. Тие оваа учебна година беа на пракса во дизајн студио Нампрес и невладината организација Eco Logic.

“За време на праксата во двете компании го применив стекнатото знаење од предметот графички дизајн, работев во Illustrator, и секако имав можност да стекнам многу ново практично искуство и знаење од оваа област. За време на праксата ги користев и програмите Photoshop, Word, Power Point кои ги учиме на училиште, а во компаниите ги применувавме на реални проекти”, вели Александар.

“Во Нампрес работевме на дизајн на книги во програмите Photoshop и Illustrator, а во EcoLogic дизајнирав корици на прирачници, употребувајќи го веќе стекнатото знаење по графички дизајн. Јас исто така имав можност да одам на двонеделна практична работа во Болоња, Италија. Таму работев во компанија од областа на модниот дизајн. Одењето на пракса во реални компании и во Македонија и во странство ни овозможува да се соочиме со реалниот свет и реални проекти преку кои не само што го применуваме она што го учиме на училиште, туку и стекнуваме големо работно искуство”, вели Климентина.

Ѓорѓи  Србаков е четврта година, насока бизнис. Тој одеше на пракса во компанијата оне.Вип, во одделот за маркетинг. “Таму имав можност да видам како се прави анализа на пазарот, изложеност на опремата во продажните салони, подготовка на план за изложување на мобилни телефони.”

“За време на моето школување во САБА имав можност да посетам многу компании кои ми помогнаа практично да го совладам материјалот изучен на училиште. Во текот на првите години посетивме повеќе институции како Народна банка, Собрание на РМ, адвокати, нотари итн. Во четврта година праксата е поинтензивна. Јас бев во Винер осигурување и СН брокер. Многу големо искуство стекнав во компанијата СН Брокер каде што се запознав со светот на осигурувањето од правен аспект”, вели Филип Кузмановски, четврта година, насока администрација. Филип исто така беше дел од групата ученици кои беа на  пракса во Барселона.