Ученици од САБА на пракса во Португалија

Монтихо, Португалија, Ноември/Декември 2016

Двонеделна пракса во компании во рамките на проектот “Е(вропски) бизнис”.

Учесници:

Теодор Костов, ученик во САБА Скопје

Омар Џафероски, ученик во САБА Скопје

Димитри Ѓорѓиев, ученик во САБА Штип

Елеонора Димитрова, ученичка во САБА Штип

Христина Таневска, професор во САБА Скопје

Од 27.11 до 12.12.2016 година 4 ученици и еден професор од САБА беа на двонеделна пракса во компании во Монтихо, Португалија. Праксата беше дел од Еразмус проектот “Е(вропски) бизнис” кој е поддржан од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. За време на двете недели во Монтихо, учениците работеа во компании во кои имаа можност да видат како функционира интернет маркетингот и онлајн продажбата во Португалија.

Димитри Ѓорѓиев беше на пракса во фармацевтската компанија ,,BOMI”. “Најголем впечаток ми остави нивната организираност, прецизност во работата, љубезноста и трпението секогаш да ти помогнат и секогаш се отворени за било какво прашање. За време на праксата научив како треба да се биде лојален, презицен и одговорен во работата. Научив дека тимската работа не носи до патот до успехот и дека со почитување на одлуките на менторите секогаш има позитивен резултат.”

За Димитри Европската пракса е шанса која никако не смее да се пропушти. “Искуството кое го стекнавме е незаменливо. Спомените ќе ни останат засекогаш. На таа пракса учениците  не се претставуваат само себе си или пак училиштето, тие ја претставуваа и својата држава. На последните денови од нашата пракса ни ја пуштија Македонската химна и во тој момент сите се почувствувавме многу горди што се претставивме себе си, училиштето САБА и Македонија во најдобро светло.”

Елеонора Димитрова работеше заедно со Димитри во истата фармацевска компанија. “Имаше пријатна работна атмосфера за време на праксата, задачите беа на ниво, компанијата беше една од подобрите во градот и научивме работи кои не би можеле ниту да ги видиме овде. Благодарение на нив се стекнавме со големо знаење и едно огромно искуство. Многу голем впечаток ми остави топлината и гостопримливоста кај луѓето што не е одлика за многу европски народи. За време на тие две недели научив многу за културата и животот надвор од нашата земја. Запознав многу нови луѓе, а со некои од нив изградив пријателства кои се надевам дека ќе траат уште долго. Исто така научив дека самостојноста и способноста за донесување на брзи и објективни одлуки во некои моменти се од суштинско значење.”

Теодор Костов работеше во продавница за авто делови која е една од синџир продавниците на Norauto. “Таму бев задолжен за електронскиот дел од продавницата, како да ги привлечеме купувачите и да ги откриеме причините зашто потрошувачката на некои производи е многу мала. Голем впечаток ми остави организацијата на фирмата и атмосферата за работа. Сите се презадоволни од своите работни места и платата. Таму моите соработници ме научија на макотрпна работа, прецизност и многу нови маркетиншки трикови. Искуството со кое се стекнав на оваа пракса е навистина огромно. Им препорачувам на сите кои имаат ваква прилика да ја искористат, бидејќи препораките и знаењата кои ќе ги добиат таму ќе им бидат од голема корист за понатамошното школување и работа.” 

Покрај работата, домаќините во Португалија организацијата Escola Profissional do Montijo организираа и неколку екскурзии за нашите ученици. Тие го посетија Лисабон, замоците во Синтра, Кабо де Рока- место од каде што се гледа целиот Атлантски Океан и претставува најзападната точка во Европа.