Од 1-ви до 16-ти декември 2019 8 ученици од училиштата САБА од Скопје, Битола, Штип и Куманово беа на пракса во Барселона, Шпанија. За време на двонеделната пракса учениците посетија светски компании каде имаа можност да видат како дигиталната технологија се применува во автомобилската индустрија. Еден ден беше резервиран за посета на автомобиската компанија SEAT.
Двонеделната пракса на учениците во Шпанија беше дел од проектот „Учење преку проекти и пракса„ кој е е поддржан од Националната агенција за Европски образовни програми и мобилност и Европската комисија.
Магдалена Јакимовска, четврта година, САБА Скопје
Најголем впечаток од двонеделната пракса во Барселона ми оставија големите компании кои работеа со нови иновативни решенија, но и универзитетите кои работеа на многу посложени проблеми. Праксата ме научи и како да бидат дел од тим и да наоѓам компромис.
На сите ученици им порачувам доколку имаат шанса да не пропуштат ваква можност и да се пријават, да веруваат во она што го сакаат и да имаат желба да научат нешто ново, бидејќи ова е едно животно искуство кое навистина многу вреди.
Даниел Веселинов, трета година, САБА Штип
Најдобар момент од праксата беше можноста да ги посетам факултетите и компаниите кои се занимаваат со составување на автомобили и формули кои ги користат за натпревари во трки низ Европа. Исто така неверојатното искуство беше да се живее две недели во европска држава, да се работи во тим и да се види како функционира едно опшество составено од многу креативци.
Љупчо Јаќовски, трета година, САБА Скопје
Најголем впечаток од двонеделната пракса ми остави посетата на универзитетот Polytechnic University of Catalonia, каде имав можност да се запознаам со изработката на формули и мотори. Таму научив кои програмски јазици се користат при изработка на формулите, како и тоа дека за да се изработи едно возило, потребни се 9-12 месеци.
Давид Крстевски, трета година, САБА Куманово
Додека бев на пракса сфатив дека без помошта на роботските раце не би можеле автомобилите да се произведуваат со огромна прецизност за толку краток период. Голем впечаток ми остави и посетата на “SEAT” која е огромна компанија со светска технологија.