Училиштето САБА ја доби наградата за најдобар иновативен проект на повикот „Предизвик за млади истражувачи“ организиран од Фондот за иновации и технолошки развој.
Проектот на САБА “Систем за детекција на гасови во работни простории” беше изработен од тим од двајца професори по информатички науки и пет ученици од прва, втора и трета година, кои учат на насоката информатика во САБА Скопје.
Целта на овој проект е да се креира систем за детекција, анализа и следење на присуството на штетните гасови во воздухот во работни простории. Системот преку соодветни сензори ќе го мери присуството на штетни гасови во просторијата и доколку регистрира повисоко ниво на загаденост тогаш микроконтролерот (кој ги прибира и анализира податоците) ќе сигнализира и автоматски ќе ги вклучува системите за сигнализација или вентилација на воздухот во просториите. Целта е да се обезбеди поквалитетен воздух во просториите во кои луѓето поминуваат повеќе часови во текот на денот.
На повикот организиран од Фондот за иновации беа пријавени иновативни проекти од вкупно 98 училишта од цела Македонија. Од нив, 40 проекти влегоа во финалето, кога тимовите имаа можност да го претстават својот проект пред стручната комисија. На крајот, на 9-ти јуни, беа прогласени победниците, и тоа 8 средни и 12 основни училишта.