Коста Ѓорѓиевски-матурант, насока Информатика

Коста Ѓорѓиевски е ученик на 4 година, насока информатика во САБА Скопје. Амбициозен и сестран ученик. Моментално е примен на пет факултети во Америка, кои се на Шангајската листа на најдобрите 100 универзитети.

“Првата работа на која секогаш ќе се сеќавам со насмевка на лицето е пријателскиот однос на професорите. Секогаш тука за нас учениците, секогаш со интерес го следат нашиот напредок и совладување на наставните предмети. Секојдневното дружење со соучениците најмногу ќе ми недостасува по завршувањето на средното училиште. Покрај секојдневната предметна настава, заедно со професорите и со соучениците развиваме и работевме на голем број иновативни проекти. Поттикнување на иновативноста, барање на решенија за решавање на секојдневни проблеми во индустријата поткрепени со ИТ технолошки решенија е една од најважните работи кои ги научив во САБА.”

Твое искуство со некој проект во кој си бил вклучен во текот на школувањето во САБА?

“Големо искуство стекнав преку проектот “Систем за детекција на штетни гасови во воздухот” кој заедно со предметниот професор го развивме и реализиравме во текот на втората година на моето образование. За прв пат во моето образование, бев вклучен во тим составен од соученици кои поседуваат разновидни знаења, и секој си имаше своја улога во спроведување на проектот. Научив да работам тимски, да споделувам знаење со другите соученици, и да продолжам да бидам љубопитен за светот околу мене. Со овој проект ја добивме наградата за најиновативен проект на натпреварот “Предизвик за млади истражувачи” организиран од Фондот за иновации.

 

Минатата година, исто така бев дел од тимот на 8 ученици од училиштата САБА од Скопје, Битола, Штип и Куманово кои беа на двонеделна пракса во Барселона, Шпанија. Тоа беше едно неверојатно искуство кое уште повеќе ми ја зголеми љубовта кон информатиката. Во Барселона посетивме светски компании кои работат со примена на информатиката во автомобилската индустрија.”

 

 

Каде планираш да го продолжиш образованието?

“Во изминатиот период аплицирав на десетина универзитети и факултети за компјутерски науки. До сега имам позитивен одговор и сум примен на пет врвни факултети во Америка, кои се на Шангајската листа на најдобрите 100 универзитети и факултети на светско ниво. Сега ми останува само одлуката на кој од факултетите на кои сум примен ќе го продолжам високото образование во Америка.”

 

Како се гледаш себе си во иднина?

“Никој не знае што ќе ни се случува во иднина. Мое е да се трудам и своите активности најпрво да ги насочам кон стекнување на високо образование од областа на информатичките технологии. Се надевам дека ќе успеам во остварувањето на овие цели, како и понатаму да добијам работа во некоја голема компанија од сферата на ИТ технологијата. Имам огромна желба да се стекнувам со нови знаење и вештини, да се подобрувам себе си во секој поглед. Сакам да вложувам во сопствениот развој, како и  да придонесам за напредок на науката и технологијата преку работа во некоја светска компанија.”

Што те научи САБА?

“Во текот на моето школување САБА ме научи да не бидам задоволен со тоа што го имам постигнато до сега, секогаш да се трудам да се подобрам, бидејќи секогаш можам повеќе, без разлика на тоа кој успех го имам достигнато. Оваа научена лекција ќе остане во мене, и ќе продолжи и понатаму во животот да ме мотивира  – секогаш да се трудам да ги постигнувам своите цел и никогаш да не се откажам од тоа што го сакам.”