Лајпциг, Германија, Ноември/Декември 2016
Двонеделна пракса во компании во рамките на проектот “Е(вропски) бизнис”
Од 27.11 до 12.12.2016 година уште една група на 4 ученици и еден професор беа на двонеделна пракса во Лајпциг, Германија. Учениците таму работеа во компании во кои имаа можност да ја видат како се изработуваат онлајн продавници, како тие функционираат, со кои програми се изработуваат како и онлајн маркетингот кој го применуваат. Нашиот партнер во овој проект беше организација WISAMAR, која ги обезбеди компаниите во кои учениците имаа пракса, организираше разглед на Лајпциг, посета на фабриката BMW, екскурзија во Берлин и екскурзија во Дрезден.
И оваа пракса беше дел од Еразмус проектот “Е(вропски) бизнис”, поддржан од Националната агенција за Европски образовни програми и мобилност и Европската комисија.
Учесници:
- Димитар Арсов, ученик во САБА Скопје
- Кирил Милошевски, ученик во САБА Битола
- Наталија Крстевска, ученичка во САБА Штип
- Стефанија Ристова, ученичка во САБА Штип
- Снежана Стојанова, професор во САБА Штип
Наталија Крстевска беше практикант во компанијата Schuster Floristenbedarf која врши производство, продажба преку интернет и достава на цветни аранжмани и куќни декоративни предмети . “Моја задача беше да ги уредувам сликите кои се користеа за интернет продавницата и да помогнам во правењето каталози. За време за оваа пракса научив дека праксата во различна држава не ни помага само професионална страна, туку и од страна на развој на личноста. Најголем впечаток за време на тие две недели во Германија ми остави работната етика на Германците и нивното прифаќање на различностите кај луѓето.”
Димитар Арсов, заедно со Наталија, работеше во компанијата „Schuster-Floristenbedarf“. “Јас имав задача да ги обновам сите производи на веб страната. Првиот ден менторот ми покажа каде и како можам да ги пронајдам производите во магацинот, потоа како да ги фотографирам (од кој агол) и на крајот како да ги обработам во фотошоп и да ги поставам на веб сајтот, односно во нивната онлајн продавница. Останатите денови наутро добивав листа со производи кои сам ги пронаоѓав, ги фотографирав, ги обработував во фотошоп и ги поставував на веб страна. За време на мојата обука преработив околу 120 производи. За време на оваа двонеделна пракса го усовршив Германскиот јазик, научив нешто повеќе за Германија, за градот Лајпциг во кој претстојувавме и за градовите Дрезден и Берлин во кои бевме на еднодневна екскурзија. На сите ученици им посакувам ваква пракса во некоја Европска држава, бидејќи ќе се стекнат со прекрасни искуства, ќе научат премногу за работата по европски стандарди, а ќе научат и многу за државата во која би оделе.”
Стефанија Ристова беше на пракса во компанијата Wisamar која е наш партнер, домаќин, во овој проект. “За време на двонеделниот престој ми беа доделени разни обврски: правење документи на Word, работа во Photoshop, креирање веб сајт со помош на HTML, креирање и едитирање на видео и слично. Од оваа пракса во поглед на работата научив подобро да го користам Photoshop,а нешто ново и сосем непознато за мене беше и HTML. Глобално гледано, научив многу работи за Лајпциг и за Германија, нивната култура, нивната историја и слично. Научив и дека одговорноста е многу важна и таа е еден од главните показатели за тоа каква личност сте. Научив подобро да го организирам своето време и најважно од се заклучив дека сепак ова беше едно огромно искуство и несекојдневна можност за која сум многу среќна што ја добив и искористив, можност за подобро запознавање нечија култура и народ, да стекнам нови пријателства, да го подобрам англискиот јазик. На останатите ученици кои можеби во иднина ќе имаат ваква голема прилика би им препорачала да не ја испуштат, бидејќи верувам дека каде и да одат ќе се вратат многу побогати со знаење од областа на образованието, културата, науката, туризмот и слично. Ќе посетат градови кои ќе ги воодушеват и ќе научат повеќе за други народи и култури. Ќе стекнат нови пријателства и себеси подобро ќе се запознаат.”