Давор Миновски-матурант во САБА Битола

Давор Миновски е матурант во САБА Битола. Искучително воспитан, амбициозен и талентиран ученик кој плени со својата надворешна и внатрешна убавина, учесник во многу училишни и вонучилишни активности, екологист, вљубеник во музиката, свири на гитара, има талент за глума, ги сака животните. Велат дека има луѓе кои носат посебна енергија и шират позитивни вибрации врз околината. Давор е еден од нив.

 Три работи кои ќе ти останат во сеќавање од четирите години поминати во САБА?

  1. Многубројните моменти и дружењето со останатите ученици ќе ги паметам засекогаш.
  2. Професорите кои не се само наши професори, туку и пријатели и советници. Секогаш ќе се сеќавам на приврзаноста со нив.
  3. Европските проекти и патувања кои го прават своето и сами по себе носат безброј сеќавања. Кога сме кај проектите, тука би го споменал проектот и патувањето во Романија каде се одржа Еразмус+ проектот на тема роботика. Едно искуство кое носи не само знаење, туку и нови доживувања и пријателства со ученици од земји ширум Европа. Проектот траеше една недела и се работеше со Arduino и Raspberry PI платформите за електроника кои ги проширија моите знаења во областа на практичната настава. Покрај делот за едукација времето беше перфектно распоредено така што имавме доволно слободно време за сите останати активности, дружба и забава со ученици од Романија, Турција, Италија, Полска и Португалија.

   

Како се гледаш себе си во иднина?

Образованието ќе го продолжам во истата насока која ја одбрав во САБА – информатика. Досегашните знаења ми отворија нови видици и ме мотивираа да продолжам на овој пат. Подготвен сум за предизвиците кои следат.

       

Што те научи “САБА”?

Покрај сите добиени знаења од предавањата и часовите, САБА игра голема улога во изградбата на личноста којашто сум денес. Големата поддршка од професорите направи да исчезне срамежливиот и повлечен јас, а на виделина да излезат мојот капацитет и квалитети.

Ова беше најубавиот период од животот, но можат да потврдам дека помина со брзина на светлината. Затоа, на идните средношколци би им препорачал времето да го трошат паметно, да уживаат во секој момент и да градат убави спомени.