Во светот на бизнисот – Дрезден

Од 15-ти до 29-ти август 6 ученички од САБА беа на двонеделна пракса во Дрезден, Германија. За време на тие две неделни ученичките беа распределени во компании во кои имаа можност да работат во областа на маркетингот и другите бизнис аспекти на една компанија.

Праксата на учениците беше дел од Еразмус проектот “In the On Line world” поддржан од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и Европската комисија.

Луна Тодоровска

На кратко опиши ја компанијата во која беше на пракса. Кои беа твоите работни обврски?

“Јас бев практикант во компанијата WBS training која се занимава со организација на Erasmus+ проекти и реализира пракси за ученици и професори од разни држави. Моите работни обврски се состоеја од класифицирање на документи во разни табели поради различни потреби на фирмата како и активности во областа на марктингот на компанијата. Целата организација и компанијата во која ја извршував праксата беа одлични и ги надминаа моите очекувања за престојот во Германија.”

Што ти остави најголем впечаток?

“Најголем впечаток ми остави заинтересираноста на нашите ментори во компанијата кон нас и нивната искрена желба да научиме нешто повеќе. Исто така голем впечаток ми остави и прекрасната работна атмосфера која ни ја овозможи WBS training на оваа двонеделна пракса. Ова искуство е навистина незаборавно и оваа пракса ја завршив полна со безброј нови знаења и позитивни впечатоци за целиот тим и организаторите на овој проект.

На сите ученици им порачувам доколку имаат можност да се пријавуваат на секој проект кој го организира училиштето, бидејќи навистина вреди да си дел од ваква организација и да се збогатиш со ново искуство кое е незаборавно. За оваа пракса имам само позитивни коментари и мојот престој во Германија беше навистина прекрасен.”

 

 

Есма Атанасова

Есма беше на пракса во “Колибри” – едукативен центар за деца и родители во кој родителите заедно со своите деца може да поминуваат време заедно учејќи, но и забавувајќи се преку различните рекреативни активности.

“Во текот на двете седмици додека бев таму имаше кампови за деца и основните обврски беа да се грижам за децата и да спроведувам ред и дисциплина. Во текот на првата седмица активностите се одржуваа во природа, а втората седмица имав задача да предавам англиски јазик и заедно преку различни игри да се доближиме чекор поблиску до англискиот јазик.”

Што ти остави најголем впечаток од праксата?

“Најголем впечаток ми остави различниот пристап на менторите кон децата. Често во нашата држава возрасните им ги ограничуваат правата на децата т.е не секогаш ги оставаат да се однесуваат онака како што тие сакаат, но во текот на двонеделната пракса сфатив дека возрасните во Германија на децата им даваат поголема слобода кога станува збор за однесувањето и нивното изразување. Исто така ми се допадна што дури и најголемиот дожд не ги спречи децата да одат во посета на музеј, како и нивното константно грижење за животната средина и околината во која живеат.”

Што научи од оваа пракса?

“Оваа работа многу ми помогна да сфатам дека во иднина сакам да работам со деца. Втората седмица беше особено важна бидејќи предавав англиски јазик, а тоа е она што сакам да го правам. Добив многу совети од професорките по англиски кои низ различни методи успеваа да им го направат учењето на децата навистина забавно.  Надвор од работните обврски сфатив и дека е важно да имаш некого кого познаваш и кој може да ти помогне во секој момент и затоа сум благодарна што дел од овој проект беа и другите пет девојки.”

Стефанија Спировска

Стефанија заедно со Есма работеше во детскиот центар “Колибри”.

“Моите обврски беа да ги придружувам колегите на сите активности. Работата во центарот се одвиваше заеднички, како тимска работа. Активно се движевме, одржувавме дисциплина, се придружувавме во забавата и го ширевме нашето знаење на англиски јазик меѓу децата. Голем впечаток ми остави атмосферата на работа и дружељубивите колеги. Градот Дрезден исто така е прекрасен за посета, историски богат.”

Што научи од оваа пракса?

“Од оваа пракса научив колку е значајно да се учествува на вакви видови на проекти со цел да се збогати нашето знаење, искуство и CV. Научив дека важно е да стекнуваме и долготрајни пријателства со колегите, но и со соученичките од САБА кои беа со мене. Ги охрабрувам сите идни ученици да излезат од својата комфорна зона и да не пропуштаат вакви прилики, бидејки најдобрите работи во животот се случуваат спонтано и доаѓаат кога најмалку очекуваме. Навистина сакам да можам да го вратам времето да ја доживеам оваа пракса уште еднаш.”

Матеја Стевановска

Што очекуваше од праксата во странство пред да одиш во Германија?

“Пред да заминам за Германија имав очекувања дека таму ќе го искусам германскиот работен живот, ќе ги проширам знањеата во тоа како работи една компанија, ќе ги подобрам своите вештини со компјутерски програми и сето тоа навистина се случи во тие две недели во Дрезден.

Јас работев во WBS TRAINING, компанија која организира практична настава и тренинзи за ученици, студенти и вработени од повеќе области. За време на двонеделната пракса добивав различни задачи како сортирање на податоци на компании со кои WBS TRAINING соработува, работа во Word, Excel, пишување на објави за и едитирање на фотографии за маркетинг итн.

Што ти остави најголем впечаток од праксата?

“Впечаток ми остави целокупното искуство на оваа пракса од дружењето, гостопримливоста на WBS TRAINING тимот, работата во сопствена канцеларија до прекрасниот интернационален град Дрезден. Покрај работата што ја искусив и добив подобар поглед на како функционира една компанија, некои трикови за маркетинг, и целокупен подобар поглед на како изгледа германскиот стил на работа и динамика.”

Дијана Дамчевска

“Јас работев во компанијата М4Energy која се занимава со продажба и услуги на електрична енергија. Моите задачи во денот вклучуваа вметнување на податоци од клиентите на компанијата во одредени дата бази. Некои денови работев со ексел, останатите работев преку нивните веб страни. Таму имав можност работниот ден да го поминам зборувајќи и разбирајќи се со колегите исклучиво на германски јазик. За време на праксата научив како изгледаат работни денови, како комуницираат колегите еден со друг и општо каква е работната атмосфера. Научив како да се снаоѓам во друга непозната држава во однос на превоз и ориентација. Искуството беше одлично и би се пријавила секој нареден пат кога би имала можност.”

 

 

Дејана Маркова

“Јас работев во компанија која истражуваше како да се изработат ефикасни соларни панели. Мои работни обврски беа: примање на пошта, асистирање во лабораторијата, истражување за компанијата, графичко дизајнирање на PowerPoint master, вметнување на елементи од лабораторијата во нацртот на зградата и запознавање на вработените со културата во Македонија. Голем впечаток ми остави тоа што вработените во фирмата веднаш ме прифатија како дел од нив.”

Што би им порачала на учениците кои во иднина би имале можност да одат на ваква пракса?

“На идните ученици би им порачала да бидат отворени кон идејата сами да бараат задачи кога се на работното место. Исто така, потребна е редовна и добра комуникација со вработените во фирмата додека се на пракса.”

Дали има нешто што би сменила за праксата да беше подобра?

“Да би можело јас би останала подолго на пракса бидејќи се пронајдов себеси во канцелариската култура која ја негуваше фирмата во која работев.”