“Во нашето семејство, САБА е синоним за училиште”

Две сестри, Ивана и Стефанија и нивниот прв братучед, Тео, се дел од приказната успешни ученици кои седеле т.е. седат во училишните клупи на “САБА” Битола. Кога од едно исто семејство ви го доверуваат образованието и воспитувањето на трите деца, тогаш со сигурност знаете дека ви веруваат.

Ова е нивната приказна.

ИВАНА СПИРОВСКА, поранешна ученичка во САБА Битола

“Се сеќавам како да беше вчера, кога мојата љубов кон правото ме донесе на прагот на САБА. Програмата за администрација ми беше водилка до Правниот факултет. Изучувањето на правни предмети и огромната посветеност на професорите кон моето образование, во голема мера ми ги олеснија студентските години. Праксата во адвокатска канцеларија која е дел од наставната програма на САБА ми ја оживеа теоријата и ме стави највисоко на листите за положени студенти на мојот факултет. Бев горда и мотивирана што знаев како се пишува тужба или кои се основни елементи на пресуда уште пред да се запишам на Правен факултет. Упорноста, вредното работење и учење се значајни, но за мојот успех придонесе и автономијата на професорите кои користат различни методи во наставата, прилагодени за потребите на секој ученик одделно.

Запишав два факултети паралелно. Правен факултет и Педагошки факултет во Битола. Во текот на трета година од студирањето бев на Еразмус + студентска размена на Универзитетот во Кемниц, Германија, додека четвртата година ја поминав во Австрија, на катедрата за правни науки на Карл-Франценс, Универзитетот во Грац, како стипендист и стажант на програмата Best of South East од Шпаркасе Банка во Грац.

И како велат, кога ќе започнеш да патуваш никогаш не престануваш. Па така патот ме донесе до моите Мастер студии. Како стипендист на Европскиот Мастер за Миграции и Интеркултулни Односи, имам можност да студирам две години и секој семестер во различни држави и универзитети, започнав во Олденбург (Германија), продолжив Ставангер (Норвешка), потоа Љубљана (Словенија) и моментално ја пишувам мојата Мастер теза и истражување во Виена (Австрија).

Додека го пишувам ова, се сеќавам на моите средношколски денови во САБА Битола, дружењето со професорите и соучениците, натпреварите, организираните саеми и работилници за добротворни цели, како и новогодишните настани. САБА беше и остана изворот на мојата креативност, мојата амбиција и желба за напредок, животен потсетник дека човек учи додека е жив, во и надвор од училницата и дека учењето како и сè останато во животот треба да биде забавно. Па затоа кога мојата сестра Стефанија пристигна на прагот на средното образование, ѝ го покажав правецот кон САБА, а таму професорите го препознаа во неа амбициозното девојче со огромен потенцијал кое го видоа во мене пред шест години.”

 

СТЕФАНИЈА СПИРОВСКА, ученичка во четврта година, САБА Битола

“Поминаа четири години, а како вчера да беше првиот училишен ден, првото запознавање и првите позитивни впечатоци за САБА. Ова училиште е една од причините поради која успеав да се развијам како ученик, но уште повеќе и како личност. Да бидам секогаш своја, затоа што тоа е најдобрата верзија од себе.

Зошто е САБА најдобар избор? САБА го отвора патот кон безброј можности за наша подобра иднина, ни подава рака за помош, шири позитивна енергија и ни создава втора фамилија, втор дом. Во очите на моите професори освен ученичка сум и човек со свои интереси и огромна пасија кон танцот. Освен учењето ја имав таа среќа да го исполнам своето слободно време со воншколски активности. Со целосна поддршка да присуствувам на сите танцови натпревари, прошетав многу и освоив први места. САБА го цени мојот потенцијал. Секогаш ме инспирира и мотивира да преземам ризици, да бидам храбра. Учествувајќи на различни настани, работилници и проекти научив многу.

Среќна сум што учев во САБА каде запознав прекрасни луѓе кои ми помогнаа да откријам свои силни страни за кои ни јас не бев свесна дека ги поседувам. Да работам на своите слабости и да ги надминам. Да бидам упорна, силна, амбициозна, да ја развивам својата креативност, да ги искажам јавно своите мисли. Да излезам од својата комфорна зона, да бидам подготвена и да се изборам за себе и со секоја следна пречка којашто животот ќе ми ја донесе.

Како и сестра ми пред мене, така и јас по нејзините стапки, учам на правната насока. Дали прагот завршува тука? Никако! Благодарение на широкиот спектар на вештини што ги стекнав со средно образование, подготвена сум да продоложам да се надоградувам на факултет некаде надвор од границите на нашата земја.”

 

 

 

ТЕО НИКОЛОВСКИ, ученик во прва година САБА Битола

“На почетокот од 9-то одделение веќе почнав да размислувам каде ќе го продолжам моето образование. Моите две братучетки веднаш го препорашаа училиштето САБА. Бев многу заинтересиран за информатика, а САБА ми нудеше одлична програма и можност за пракса.

Тогаш одлучив да се пријавам на литературниот конкурс кој го организираше  училиштето САБА. Уживав додека ја подготвував апликацијата и есејот на англиски и македонски јазик. Ме израдува веста дека сум повикан во просториите на САБА во Битола каде што го презентирав својот есеј. Поминав одлично и освоив второ место на натпреварот, а со тоа и една од стипендиите за школување во САБА. Тоа за мене беше едно големо искуство.

Сега сум ученик во прва година и можам да кажам дека навистина училиштето е прекрасно, професорите пред сè се добри личности и сакаат да посветат внимание на секој ученик. САБА би ја препорачал на сите ученици кои сакаат да го насочат своето образование уште на самиот почеток и да постигнат големи успеси понатаму.”